Денеска во изјава за Би-би-си министерот за вооружените сили на Велика Британија Џејмс Хипи рече дека има „многу, многу веродостојна“ разузнавачка информација дека милитантите, особено оние од Исламска држава, планираат „многу смртоносен напад“ на аеродромот во Кабул.

„Можам само да кажам дека заканата е огромна. Ќе се потрудиме да ги заштитиме оние што се таму.“

На прашањето на Скај њуз дали е можен напад во следните неколку часа, Хипи едноставно одговори „да“. Тој за Би-би-си рече дека разузнавачките информации за можен самоубиствен напад од ИСИС станале „многу поцврсти“.

Министерот рече дека тоа е причината зошто Форин офисот синоќа ги променил своите препораки за патување. Британската влада сега им наредува на луѓето да не доаѓаат на аеродромот во Кабул, туку „тие треба да се преместат некаде на безбедно и да чекаат дополнителни упатства“, истакна Хипи.

Министерот рече дека го разбира образложението на оние што очајнички сакаа да избегаат од талибанскиот режим, но инсистираше дека владата мора да ги сподели своите разузнавачки информации за заканата врз безбедноста на луѓето на меѓународниот аеродром Хамид Карзаи. Тој додаде дека безбедноста на западните државјани надвор од аеродромот и понатаму зависи од талибанците.