Шест лица се уапсени во Скопје и околината во голема безбедносна операција поради сомнение дека сториле кривични дела од областа на тероризмот. Акцијата на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност сè уште трае, а претреси се вршат на повеќе локации.

Операцијата се спроведува под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Од Обвинителството најавија дека официјалните информации ќе бидат објавени по завршувањето на акцијата, објави телевизија Сител.

„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК на територија на Скопје во тек е акција на МВР и АНБ на повеќе локации. Приведени се повеќе лица поради сомнение за сторени кривични дела од областа на тероризмот. По завршување на акцијата, јавноста ќе биде информирана“, соопштија од Обвинителството.

Според неофицијалните информации на Сител, при претресите кај приведените биле пронајдени неколку снајперски пушки, повеќе пиштоли и знамиња со обележја на терористичката организација ИСИС.

Истите извори наведуваат дека станува збор за лица за кои постојат сомневања дека биле поранешни припадници на терористичката организација или дека сè уште одржуваат контакти со неа.

При претресите, според неофицијалните информации, биле пронајдени и ригови за нелегално копање криптовалути. Надлежните институции засега официјално не ги потврдиле овие детали.

Во овој момент не е познато дали приведените се македонски или странски државјани. Не е соопштено ниту какви конкретни активности им се ставаат на товар или дали постојат сомневања дека подготвувале одредени дејствија.

Денешната операција следува по неколку случаи во кои македонските безбедносни служби и Обвинителството постапувале против лица осомничени за поврзаност со терористички организации и ширење на идеологијата на ИСИС.

Во декември 2024 година, ОЈО ГОКК соопшти дека биле приведени четири лица од Гостивар и Струга, осомничени за кривичното дело „Терористичка организација“. Според Обвинителството, првоосомничениот, 21-годишен жител на Гостивар, на почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на платформата „Телеграм“.

Преку тие групи, според тогашните информации, тој ширел пропаганден материјал на ИСИС, регрутирал нови членови и поттикнувал извршување терористички напади во Европа. Обвинителството соопшти и дека групата имала намера да изврши терористички акт врз цивили, таканаречени „меки цели“, како и врз јавни објекти.

Во рамките на друга операција, исто така спроведена во декември 2024 година, биле извршени претреси на пет локации во Скопје и Гостивар. Тогаш биле пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, мобилни телефони и компјутерска опрема.

Во таа акција четири лица биле лишени од слобода. Обвинителството тогаш информираше дека осомничените преку „Телеграм“ споделувале преведени пропагандни материјали на ИСИС и регрутирале нови членови.

Во мај 2026 година, ОЈО ГОКК соопшти дека уште пет лица биле под истрага за кривичното дело „Терористичка организација“. Според Обвинителството, осомничените во периодот од 2025 до 2026 година преку интернет-канали ширеле содржини со кои се промовирала и поддржувала идеологијата на ИСИС и на други идеолошки поврзани терористички организации.

Целта на тие активности, според тогашното соопштение, била ширење пропаганда, идеолошка индоктринација и глорификација на терористичките дејства и нивните извршители.

Денешната акција на МВР и АНБ сè уште е во тек. Повеќе официјални информации за претресите, осомничените и евентуално пронајдените предмети се очекуваат по нејзиното завршување.