Највисоки температури и рекорди во јуни, властите предупредуваат на сериозни последици

Околу 480 дополнителни смртни случаи се регистрирани во Холандија за време на неодамнешниот топлотен бран, соопштија холандските здравствени власти.

Податоците се однесуваат на периодот од 22 до 28 јуни и покажуваат дека најпогодени биле лица постари од 80 години. Најголем број од случаите се регистрирани во јужните и источните делови од земјата, каде температурите биле највисоки.

Топлотниот бран донесе и нови температурни рекорди за јуни во Холандија, со измерени вредности блиску до 40 Целзиусови степени.

Слични последици беа пријавени и во други европски земји. Франција претходно соопшти за најмалку илјада дополнителни смртни случаи поврзани со екстремната жештина, со напомена дека конечните бројки би можеле да бидат и повисоки.

Метеоролозите наведуваат дека топлотниот бран, кој започна на 20 јуни, бил еден од најинтензивните досега забележани во Европа.