Холандската економија влезе во рецесија откако се намали за 0,3 отсто во вториот квартал во однос на претходниот, според првата проценка објавена од холандската агенција за статистика во средата.

Петтата по големина економија во еврозоната забележа пад втор квартал по ред, откако падна за 0,4 отсто во првите три месеци од годината.

Холандскиот економски раст беше близу 5 проценти во 2021 и 2022 година, поради закрепнувањето од падот предизвикан од Ковид-19.

Првата постпандемиска рецесија беше предизвикана од падот на личната потрошувачка и извозот, поттикнати од високата инфлација што ја поскапи храната и ги зголеми сметките за енергија во Холандија и нејзините трговски партнери. Потрошувачката е намалена за 1,6 отсто, а извозот е за 0,7 отсто помал во однос на првите три месеци од годинава.

Инфлацијата во Холандија забавува откако во септември минатата година достигна врв од 14,5 отсто, но останува релативно висока на околу 6 отсто во вториот квартал од 2023 година.