Напади во џакузи просторија во Барбаросабад
Германската јавност е потресена по информациите за сериозен инцидент во јавниот базен во Барбаросабад, населба со околу 23.000 жители во Гелнхаузен, југоисточен Хесен. Минатата недела, неколку девојчиња пријавиле до персоналот на базенот дека група мажи ги допирале по целото тело во просторијата со џакузи.
Настанот се случил околу 17 часот, по што веднаш била повикана полиција. Брза интервенција резултирала со апсење на четворица осомничени на возраст од 18 до 28 години. Петтиот осомничен успеал да го напушти базенот пред да биде идентификуван, и засега останува во бегство.
Жртви на возраст од 11 до 17 години
„Моментално имаме девет девојчиња“, изјавиле од полицијата за германскиот весник Билд, посочувајќи дека најмладата жртва е 11 години, а најстарата 17. Првично, пет ученички го пријавиле нападот, но откако случајот станал јавен, и други девојчиња се охрабриле да проговорат. Сите сведочеле за сексуално вознемирување од групата мажи.
Сите осомничени се сириски државјани
Полицијата од југоисточен Хесен – Офенбах потврдила за Билд дека осомничените се сириски државјани, а двајца од нив се во роднинска врска. Против сите се поднесени кривични пријави, а истовремено им е забранет пристапот до базенот.
Инцидентот е прв од ваков вид оваа година во Барбаросабад, изјави градоначалникот Кристијан Лицингер за Хесише Рундфунк.
Истрагата продолжува – можни и други жртви
Полицијата не исклучува можност дека и други девојчиња или жени биле нападнати, но сѐ уште не излегле во јавност. Апелот на надлежните е сите што имаат информации да се јават и да помогнат во расветлување на случајот.