Австралиската Влада денеска втор пат му ја поништи визата на Новак Ѓоковиќ, образложувајќи дека најдобриот светски тенисер, кој не е вакциниран против коронавирусот, може да претставува ризик за општеството во контекст на неговата намера да настапи на првиот календарски грен – слем турнир Австралија Опен, што од 17 до 30 јануари ќе се одржи во Мелбурн.

Главните епизоди на случајот хронолошки почнаа да се редат од 14 декември кога Ѓоковиќ се појави на кошаркарскиот натпревар меѓу Црвена ѕвезда и Барселона во белградската сала „Пионир“ при што позираше за фотографија со кошаркарот Најџел Хајс.

16 декември

Два дена откако присуствуваше на кошаркарскиот натпревар во Белград во друштво на неколку лица, кои тогаш биле позитивни на ковид-19, Ѓоковиќ се тестираше на коронавирусот. За позитивниот наод на тестот беше известен истиот ден вечерта. На лабораторискиот наод пишува дека резултатот е издаден во 20:19 часот. Во текот на истиот ден, како и во следните два дена, Ѓоковиќ учествува на најмалку четири јавни настани и се среќава со десетици луѓе.

17 декември

Ѓоковиќ во српската престолнина дели пехари на најдобрите млади тенисери, а самиот е награден со иконата „Бел ангел“ од Тениската федерација на Белград,

19 декември

Сè уште се наоѓа во Белград на однапред закажано интервју и фотосесија за францускиот спортски весник „Л Екип“.„Се чувствував принуден, бидејќи не сакав да го изневерам новинарот, но се погрижив да ја почитувам социјалната дистанца и носев заштитна маска на лицето“, изјави Ѓоковиќ, признавајќи оти „погрешил во проценката“ и оти „требало да го откаже овој ангажман“.

31 декември

Академијата СотоТенис објави на својот Твитер профил видео од тренинг на Ѓоковиќ во Марбела. Истиот ден, шпанскиот локален весник „Диарио“ го фотографираше Ѓоковиќ за време на тренингот во Марбела.

4 јануари

Ѓоковиќ, кој никогаш не комуницираше со јавноста за својот вакцинален статус, објави на социјалните мрежи дека добил „медицинска потврда“ за настап на Австралија Опен. Истиот ден, Ѓоковиќ го објавува на Инстаграм медицинскиот документ, како и фотографија од аеродром.

5 јануари

Најдобриот светски тенисер пристигнува на аеродромот во Мелбурн во вечерните часови, но има проблем со влез во земјата, бидејќи не пополнил правилен формулар за бараната австралиска виза. Австралискиот премиер Скот Морисон бара од Ѓоковиќ доказ дека „медицинското изземање“ кое го има за настап на турнирот е оправдано, а во спротивно „со првиот авион ќе биде вратен дома“. Визата му е укината.

6 јануари

Австралиските погранични власти на аеродромот во Мелбурн го одбиваат барањето на Ѓоковиќ за влез во земјата и го сместуваат во имиграциски притвор. Тенисерот подоцна е преместен во имиграциски хотел. Ѓоковиќ поднесува жалба против одлуката да му биде забранет влез во Австралија.

8-7 јануари

Неговите адвокати тврдат дека одобрението да биде изземен од задолжителна вакцинација му е издадено бидејќи бил позитивен на коронавирус на 16 декември.

10 јануари

Австралискиот суд издава налог за итно ослободување на Ѓоковиќ. Судијата Ентони Кели проценува дека не постои оправдана причина поради која службениците на граничната контрола му забраниле на Ѓоковиќ влез во Австралија и наложува тој да биде пуштен од имиграцискиот притвор во рок од 30 минути. Покрај тоа, судијата и наложува на австралиската Влада да му ги надомести сите трошоци за времето минато во имиграцискиот притвор. Во судската одлука, меѓутоа, се нагласува дека министерот за имиграција Алекс Хоук го „задржува личното право“ да наложи депортација на Ѓоковиќ со првиот следен авион. Првиот човек на Австралиската тениска федерација Крег Тели го брани својот сојуз од критиките дека ги измамил играчите околу прописите за влез во земјата, наведувајќи дека владата „одбила“ да ја провери автентичноста на медицинските документи при нивното доаѓање.

11 јануари

Ѓоковиќ продолжува со тренинзи

12 јануари

Ѓоковиќ во објава на Инстаграм ги осудува „дезинформациите“ за своето појавување во јавноста по добивањето на позитивниот тест на 16 декември и дава своја хронологија на случувањата. Бидејќи при пристигнувањето во Мелбурн дава погрешна изјава дека не патувал во изминатите 14 денови, признава дека многу веројатно е „направена ненамерна човечка грешка“ од страна на „службеникот

14 јануари

Австралиската Влада по втор пат му ја поништува визата на Новак Ѓоковиќ.