ЕУ да најде решение за превозниците од Западен Балкан

Хрватскиот министер за транспорт Олег Бутковиќ изјави дека е неопходно да се најде решение за возачите на камиони од земји надвор од Европската Унија, кои според важечките правила не можат да престојуваат во ЕУ повеќе од 90 дена во период од шест месеци. Поради ова ограничување, возачите протестираат, а на граничните премини се создаваат големи редици и сериозни сообраќајни метежи, објавија хрватските медиуми.

Контакти со Европската комисија

Бутковиќ информираше дека хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ веќе стапил во контакт со Европската комисија. Тој нагласи дека Хрватска го презентирала својот став за можен компромис и предложила што поскоро да се изнајде решение со цел прекин на блокадите на граничните премини.

(ВИДЕО) НИКОЛОСКИ ВО ЗАГРЕБ: Силна поддршка на Хрватска за македонскиот евроинтегративен процес и зајакнување на економските односи меѓу двете земји

Економски последици од блокадите

Според Бутковиќ, последиците од блокадите не ги чувствува само регионот, туку и Хрватска, за што реагирале и домашни бизнисмени. Тој оцени дека ваквата состојба претставува загуба за економиите на соседните земји, но и за хрватската економија, додавајќи дека одредени компании веќе алармирале дека блокадите сериозно го отежнуваат нивното нормално работење. Министерот повтори дека проблемот произлегува од ограничувањето за престој од 90 дена во период од 180 дена и дека токму тука треба да се најде соодветно решение и компромис.