Хрватскиот новинар Петар Влахов, кој поттикна реакции откако со откопчан шлем лежеше на земја во Израел, а зад него луѓето релаксирано гледаа во своите мобилни телефони, се јави со реакција и објасни што се случувало.

Тој сега е во Тел Авив и раскажа што точно се случило додека се вклучувал во дневникот.

„Не ми беше сеедно, многу ме потсетуваше на војната во татковината. Сè помина добро. Нападот траеше околу две минути и за среќа без последици“, изјави новинарот за Вечерњи.

Репортерот рече дека во моментот на нападот бил на обиколка на населба во близина на Ашкелон на западот на Израел.

„Со оглед на тоа што таму често има ракетни судири, во багажникот носевме панцири и шлемови обезбедени од амбасадата. За време на патувањето добив СМС порака дека за помалку од една минута ќе има ракетен напад во областа низ која се движиме. Ги оставивме возилата по протокол и ги земавме кацигите и чекавме да помине нападот“, објаснува Петар.

Тој додаде дека нема ништо против корисниците на социјалните мрежи, но нема разбирање за одредени колеги и медиуми кои му се потсмеваа на неговото вклучување.

„Причината поради која другите гледаа во нивните мобилни телефони беше тоа што чекаа порака дали ќе има уште еден бран напади. Поради безбедносната проценка се вративме во побезбедниот дел од Тел Авив“, вели Влахов.

Во саботата палестинското милитантно движење Хамас го нападна Израел и неколку дена има воени дејствија во земјата. Во Појасот Газа загинаа најмалку седум новинари.