Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија. Пленковиќ, кој ќе предводи делегација во која се високи владини претставници за економски прашања и за надворешни работи и членови на хрватскиот Сабор, ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести од страна на премиерот Димитар Ковачевски.
Веднаш по церемонијата на пречекот, предвидена е тет-а-тет средба на Ковачевски и Пленковиќ, по што ќе следуваат билатерални разговори на двете делегации. Во составот на македонската делегација на средбата ќе бидат и вицепремиерите за европски прашања и за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Бојан Маричиќ и Фатмир Битиќи, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и амбасадорот на Северна Македонија во Хрватска, Милаим Фетаи.
Пленковиќ за време на официјалната посета ќе биде примен и од шефот на државата Стево Пендаровски, како и од собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.