Македонскиот ракометен репрезентативец Жарко Пешевски уште еднаш покажа дека спортот и хуманоста треба да одат заедно во најтешките животни мигови.
Тој одлучи на хуманитарна аукција да го стави дресот на македонската репрезентација со потписи од сите соиграчи, а собраните средства ќе бидат наменети за лекувањето на Стефан Петрушевски.
Петрушевски се здоби со тешки повреди на рбетот по срцев удар и пад од височина, поради што е неопходно лекувањето да го продолжи во странство, во специјализирана медицинска установа.
Почетната цена на дресот изнесува 6.000 денари, а аукцијата ќе трае до петок во 21 часот. Сите заинтересирани граѓани можат да учествуваат и да го контактираат Пешевски преку приватна порака на социјалните мрежи.
„Хуманоста не познава граници, вера и националност. Да бидеш хуман е доблест и човечка особина која секој од нас ја носи во себе. Спортот и спортистите знаеле и знаат да пружат рака кога е најпотребно“, порача Пешевски.
„Секој од нас води битки во животот. Некои на терените за своите клубови и репрезентации, а некои во секојдневието, борејќи се за подобро утро за себе и за своето семејство. Еден од нив е и Стефан Петрушевски. Го игра најважниот натпревар и ја води најголемата битка во својот живот. Другар, пријател, професионалец во својата професија, грижлив родител и сопруг“, истакна ракометарот.
„Потребно е да му помогнеме и знам дека ќе успееме во оваа хуманитарна мисија. Поради сето горенаведено, со една цел – Стефан да успее во своето најважно животно поглавје – денес го објавувам овој дрес на ракометната репрезентација на Македонија, за кој не треба да се трошат зборови. Сите знаеме што значи и каков симбол на успех и заедништво претставува за целата наша држава во моментите кога игра Македонија“, нагласи репрезентативецот.
„Почетната цена за дресот со потписи од сите играчи кои беа дел од последниот натпревар меѓу Македонија и Романија на Европското првенство е 6.000 денари. Оваа мини-аукција ќе трае до петок во 21:00 часот. Средствата ќе бидат донирани. Контакт – ДМ“, објави Пешевски.
