Денеска дојави имаше во 13 основни и шест средни училишта во Скопје. МВР ги заврши проверките во училиштата во Скопје и потврди дека и денешните дојави за бомби се лажни.
Првичната информација беше дека дојави има во 18, а во меѓувреме стигнала пријава од уште едно училиште. Од вкупно 19 школи кои добиле закана, 13 се основни, а шест средни.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (09.02.2023) во 15.55 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 13 основни и 6 средни училишта во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од МВР.
Вчера цел на дојавувачите беа 16 школи во Скопје, како и три трговски центри (ГТЦ, „Ист гејт мол“ и „Сити мол“), МРТВ, Транспортниот центар и „Џевахир сити“.
Во вторник (7 февруари), пак, закани пристигнаа во дури 47 училишта во Скопје, а претходниот петок (3 февруари) во 10 средни школи.
Сите дојави досега се покажаа како лажни.