Граѓаните се безбедни и безбедносната ситуација е стабилна. Се соочуваме со интензивен хибриден напад чија цел е да внесе вознемирување, страв, паника и хаос кај граѓаните. Ова го истакна секретарката на Советот за координација на безбедносно- разузнавачката заедница Даниела Илиоска

НАТО делегација предводена од заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици, Џејмс Апатураи се наоѓа во земјава, пришто беше одржан состанок на експертско ниво на кое учествуваа и членовите на Оперативниот тим на Советот.

 

Илиоска рече дека заканите доаѓаат со разгорувањето на воената агресија на Русија врз Украина и тие се комбинација на странски и домашни актери.

 

„Ова е случај и во другите земји од регионот и на други НАТО членки. Сите земји од слободниот свет се соочуваат со зголемен интензитет на хибридни закани. Меѓународно соработуваме со сите партнерски безбедносни организации и институции, од првиот ден и првата закана. Денеска имаме на гости и експертски тим на НАТО кој е тука за да ја продлабочиме таа соработка“, рече Илиоска.

 

Апатураи истана дека Северна Македонија се справува со намерен, издржан и циничен хибриден напад. Но како НАТО членка, не се справува со овој предизвик сама, туку е член на семејство на демократии кои стојат заедно и се поддржуваат едни со други.

 

„Имам пофалби за Владата на Северна Македонија за чекорите што ги презеде за одбрана и градење отпорност од овие сајбер и хибридни напади“, изјави заменик- помошникот генерален секретар за нови безбедносни предизвици Џејмс Апатураи.

 

Понатаму, во својата изјава тој истакна дека НАТО и индивидуалните сојузници веќе споделуваат информации и овозможуваат техничка поддршка.