Колумна на Бранко Героски за плусинфо:

Жалам, Петков личи на пристоен човек и Европеец, но мора уште еднаш да предупредам – ова е една типично балканска игранка и очигледна стапица.

Ако владата во Скопје се согласи кое било барање на владата во Софија да стане составен дел на рамката за преговори со Европската Унија, порано или подоцна ќе подлегне на сите уцени на бугарската дипломатија.

Јасно ли е тоа?

Изгледа баш и не е. Добро, на тие што не разбираат, еве да им нацртам.

Во овој момент, не постои државник и дипломат од земја членка на ЕУ што ги поддржува каприците на софиските политичари. Нема да најдете таков. Тоа е големата слабост и на оваа нова, „реформска“ влада на Кирил Петков, која има силна потреба макар да ја одглуми својата божемна посветеност на идејата за интегрирање на сите земји во регионот Западен Балкан во ЕУ.

Но, истовремено, нема да најдете европски државник и дипломат што не ја нагласува нужноста двете земји да најдат взаемно прифатливо решение, за да се отстрани бугарската блокада. Со други зборови, ЕУ инсистира на решение на спорот меѓу земјата аспирант и земјата членка, но не зазема страна, не поддржува ничија позиција и го поттикнува процесот на решавање на недоразбирањата на билатерално ниво, со добра волја на двете страни.

„Под маса“, се разбира, има многу клоцање по нозете, но на маса владата во Скопје води материјална расправа за спорните теми само со владата во Софија. Ние не сме среќни поради тоа, бидејќи многу полесно би се разбрале со Германците или со Французите, на пример. Ама ЕУ едноставно така не функционира. Клучниот збор за разбирање на архитектурата на Унијата се вика консензус.

Да заклучам. Ако ние се согласиме и ако ја поткрепиме идејата на Петков макар и едно бугарско барање да стане дел од преговарачката рамка, тоа ќе значи дека нашата сегашна и секоја идна македонска влада за тоа прашање ќе мора да расправа и да преговара со сите влади на сите земји членки на ЕУ. Пред првото поглавје.

Ние денес имаме билатерален спор со Бугарија, а утре би биле во спор со сите земји членки на Унијата. Утре само за едно прашање – Бугарите во македонскиот устав – а веќе задутре за кој знае колку теми.

Спремни ли сме за таков ризик?

Најновата иницијатива на Кирил Петков, за наводното „одложување“ на ветото до отворањето на првото поглавје во преговорите, е стапица. Нема да има никакво суштинско одложување. Македонската влада ќе мора да преземе обврска да ги запише Бугарите во нашиот устав пред да почне да преговара за кое било друго прашање. Таква обврска ќе преземе без при тоа без да се прецизира каков статус ќе добијат Бугарите во конституцијата и што би добиле ние за возврат и дали ќе има некакви гаранции дека со тоа ќе се стави крај на софиските уцени. А најстрашно од сè е што тоа ќе стане не само софиски, туку и бриселски бенчмарк.

Жалам, Петков личи на пристоен човек и Европеец, но мора уште еднаш да предупредам – ова е една типично балканска игранка и очигледна стапица.

Ете затоа, без оглед колку се чини примамлива идејата таа долго најавувана меѓувладина конференција конечно да се одржи и преговорите меѓу Македонија и ЕУ формално да почнат, нашата влада не смее да падне во новата софиска стапица. Последиците од една таква непромисленост ќе бидат далекусежни.

Ако сега потклекнеме пред притисокот на ваков начин да се уцени македонската влада за едно прашање што ни се чини навидум неспорно, или барем бенигно, утре така ќе „преговараме“ и за таканаречената „заедничка историја“, за Самоил, за Ванчо Михајлов и за сите теми со кои софијанците сакаат да докажат дека Македонија е бугарска.

Еден преседан води кон друг. Една стапица кон друга, пишува Героски во својата колумна.