Европскиот автомобилски шампион Игор Стефановски – Иџе започнува ново поглавје во својата богата тркачка кариера. По освоените европски титули и бројните успеси на најпознатите ридски патеки, тој оваа сезона ќе се натпреварува со прототип-болид во најмоќната и најпрестижна класа во ридскиот автомобилизам.
Со овој историски чекор, Стефановски ќе стане првиот македонски возач што ќе настапува со прототип-болид на официјални меѓународни натпреварувања, со што испишува нова страница во македонскиот автомобилизам.
„Отворам ново поглавје во мојата кариера. За овој момент сонувам цел живот. Ќе бидам првиот возач од Балканот кој ќе настапува со прототипот ‘Норма’, еден од само 12 вакви болиди произведени во светот. Станува збор за исклучително моќно возило, чија технологија и перформанси се блиски до болидите во Формула 1“, изјави Стефановски.
Тој новиот болид го тестира на Водно, местото каде што започнала неговата тркачка приказна. Иџе посочи дека со прототипот влегува во нова категорија, во која конкуренцијата е исклучително силна и бројна.
Стефановски очекува да биде конкурентен и во оваа класа и најавува борба за нови подиуми на европските ридски трки.
Новиот прототип претставува врв на инженерството во ридскиот автомобилизам. Болидот е конструиран исклучиво за натпреварување и располага со ултралесна шасија, одличен сооднос меѓу тежината и моќноста, како и аеродинамика приспособена за максимални перформанси на најтешките планински патеки.
Управувањето со ваков автомобил бара врвна физичка подготвеност, долгогодишно искуство и беспрекорна прецизност. Со новиот предизвик, Иџе поставува нови стандарди и ја носи Македонија во највисоката класа на европските ридски натпреварувања.
