Обединети околу вредностите и иднината на Македонија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот мини митинг во Кичево за вториот круг од локалните избори на 2 ноември, најави историска победа за коалицијата предводена од неговата партија.
„После вториот круг очекувам 59 градоначалници да има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со што ќе ја заокружиме највисоката бројка во историјата на демократската Македонија, по бројот на градоначалници, којашто некогаш се случила. И ако на тоа се додаде и извесната победа на Орце Ѓорѓиевски за град Скопје, којшто води 3:1 после првиот круг во однос на неговиот противкандидат, тогаш заокружуваме бројка од 60 градоначалници коишто ќе дојдат од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и главниот град“, истакна Мицкоски.
Тој се осврна и на убедливата победа на коалицијата во изборот на советници, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ обезбедила мнозинство во советите во 58 општини.
„Не беше лесно, туку беше тешко, но единството и поддршката на граѓаните покажа дека може да се совлада и помногуброен противник, зошто кога сме сплотени и обединети како едно, сме посилни и можеме да совладаме многу побројни и поголеми противници“, рече Мицкоски.
Претседателот на партијата повика граѓаните на 2 ноември масовно да гласаат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кичево, Александар Јовановски.
„Затоа е многу важно да се обединиме овде во Кичево, без разлика на нашите различности, без разлика дали тие различности се етнички, верски или политички. Многу е важно да бидеме како едно, да се обединиме околу вредностите коишто ги споделуваме, да се обединиме околу цивилизацијата којашто ја застапуваме. И секој оној којшто ќе го земе пенкалото во рака и ќе застане позади гласачката кутија, со гласачкиот лист пред него, нека го слуша својот разум и своето срце и нека гледа длабоко во својата душа, од таму ќе извира бројот 9. И нека го заокружи бројот 9, нека заокружи за Александар“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека секој кој ќе гласа треба да се потсети на вредностите кои ги застапува кандидатот Јовановски и да направи избор за иднината на Кичево.
„Дали вие сакате да живеете во средина во којашто ќе владеат криминалот, блуд, разврат и уцени? Дали сакате Кичево да биде домаќин на блуд, разврат, криминал и уцени? Заборавете на етничката припадност, сетете се на вашите ќерки, на вашите внуки, дека некоја од нив може да биде жртва на овој човек. Верувајте на иднината којашто сите ние заедно Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати ќе ја градиме. Тоа е иднината на Македонија“, порача Мицкоски на обединувачкиот митинг.
