ИГРААТ НА КАРТАТА НА КРАТКО ПОМНЕЊЕ
На народниот митинг во општина Дебарца, одржан во рамки на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ под слоганот „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, претседателот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека според сликата на терен, победата е извесна уште во првиот круг.
„Од тоа што се гледа на терен е јасно дека работата ќе биде завршена уште во прв круг и Златко Сиљаноски ќе биде новиот градоначалник,“ рече Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите што ќе се одржат на 19 октомври и да го заокружат бројот 9.
Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека во кампањата се издвојуваат две групи – „неформалната коалиција“ меѓу СДСМ, ДУИ и Левица, која според него, настапува со „црна кампања“ од самиот почеток.
- „Кампања на лаги, на клевети, кампања во која се обидуваат повторно да ги навредат граѓаните, нивната интелигенција и играат на картата на кратко помнење, небаре сите ние сме заборавиле дека до пред само година и половина влада во Македонија беше коалицијата СДСМ и ДУИ. Небаре граѓаните не разбираат за сето тоа коешто тие го работеа тие и како да заборавија на сите нивни скандали кои тогаш ни се случуваа,“ изјави Мицкоски, додавајќи дека со тоа „само ја промашија кампањата и политичките пораки, слушнавме се, само не какви проекти нудат.“
Во своето обраќање, тој посочи дека ДУИ половина кампања го споменува неговото име, велејќи:
„Овие од ДУИ покажаа дека можеби сум им идол, па половина од кампањата немаше митинг Али Ахмети да не излезе и да не го спомне моето име.“
Осврнувајќи се на Левица, Мицкоски рече дека тие „се збунети, бидејќи сега бараат нов стопан, а претходно им беше Зоран Заев.“
„Бидејќи нивната карактерна особина им е таква, или на социјалните медиуми каде што се присутни да лажат, да креираат материјали, да вадат од контекст, мислејќи дека на тој начин ќе добијат некаква симпатија. Или пак сега да одработуваат, во случајот за Али Ахмети и ДУИ,“ рече Мицкоски, објаснувајќи дека партијата на Левица одлучила да не кандидира кандидати за градоначалници во Велес и Штип, но извадила во Тетово, Гостивар и Струга.
„И нивните кандидати за градоначалници, па и самото раководство на партијата, нема да го слушнете да каже ниту еден лош збор, да речеме за Рамиз Мерко. Тој е добар. Нема ниту еден статус, ниту еден лош збор нема да слушнете за на пример, кандидатот на ДУИ и Алијанса на Албанците во Струга. Нема лош збор, тој е идеален. Или пак за актуелниот градоначалник во Гостивар, којшто е наследник на Арбен Таравари и поддржан од Али Ахмети,“ додаде Мицкоски.