Стручни тимови на Институтот за јавно здравје веднаш излегле на терен и зеле примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи, откако Јавното обвинителство побарало испитување поради нагло зголемениот број граѓани со гастроинтестинални симптоми во Гостивар.

Од ИЈЗ информираат дека екипите се вратиле од терен во раните утрински часови во четврток, по што веднаш започнала постапката за лабораториска анализа на земените примероци.

„Согласно известувањето од ЈЗУ Општа болница ‘Д-р Ферид Мурад’ – Гостивар за нагло зголемен број пациенти со гастроинтестинална симптоматологија, а со цел анализите да бидат изработени стручно и навремено, стручни лица од Институтот и викендов се на работа и ги анализираат примероците“, соопштија од ИЈЗ.

Од Институтот додаваат дека резултатите од микробиолошките и физичко-хемиските анализи ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, кое ги побарало, за понатамошно постапување.

ИЈЗ во меѓувреме е во постојана комуникација и координација со сите надлежни државни институции вклучени во утврдувањето на причините за масовната појава на стомачни тегоби кај жителите на Гостивар.