Во рамки на посетата на Делчево беа презентирани тековни и нови инвестиции во спортската, здравствената и патната инфраструктура, наменети за градот и поширокиот регион. Делегацијата изврши увид во клучните проекти кои треба значително да ги подобрат условите за живот на локалното население.
Започна реконструкцијата на спортската сала во Делчево, што претставува инвестиција во вредност од 50 милиони денари. Иако предвидениот рок за завршување на градежните работи е 18 месеци, надлежните очекуваат салата да биде целосно подготвена и ставена во употреба веќе следното лето.
Проектот опфаќа и комплетно уредување на спортско-рекреативниот центар, што вклучува поставување нова подлога со паркет и баланс, како и изградба на детско игралиште планирано за 2027 година. Целта е ревитализација на спортските објекти низ целата држава и проширување на програмата за изградба на мултифункционални терени, чиј број до крајот на следното лето треба да достигне меѓу 80 и 90. Во спортско-рекреативниот центар во Делчево изминатата година се вложени околу два милиони евра преку општинскиот буџет, Владата, ресорните министерства, кредитни линии и прекуграничната соработка со Благоевград.
Во здравствениот сектор е најавено инсталирање и ставање во функција на мамограф во Делчево во јануари 2027 година. Со оваа медицинска опрема граѓаните на Делчево и соседните населени места ќе можат да вршат прегледи на лице место, без потреба да патуваат во Кочани.
„Во тек е обука на медицински техничари во Кочани, каде што веќе работи лекар за мамографија. Во здравствените установи во Делчево и Македонска Каменица се реализирани вкупно 17 вработувања, меѓу кои осум доктори, пет во Делчево и три во Македонска Каменица. Дополнително, обезбедени се и две нови амбулантни возила за итна медицинска помош“, истакна Клековски.
Планирана е и дигитализација на постојниот рентген-апарат во Делчево со цел унапредување на дијагностиката и олеснување на комуникацијата со другите медицински центри.
Во делот на патиштата, од понеделник започнува реконструкција на патниот правец од Делчево кон граничниот премин со Бугарија. Завршена е и тендерската постапка за санација на мостот на патниот правец кон Македонска Каменица и Кочани, а поднесено е барање за времен сообраќаен режим за обнова на мостот на улицата „Индустриска“, зафат проценет на 560.000 евра.
Паралелно се работи и на проектот за експресниот пат Кочани – Виница – Делчево со клучка кај Македонска Каменица. Студиите за изводливост и заштита на животната средина се подготвуваат и се презентирани пред европските финансиски институции, а нивното финализирање се очекува напролет пред поставувањето на камен-темелникот планирано за 2027 година.
