Познатиот милијардер и бизнисмен Илон Маск е избран за личност на годината од страна на магазинот „Тајм“ за 2021 година.

Извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс икс“ и втор најбогат човек во светот, стана централна фигура во медиумите додека тој и неговите компании продолжуваат да ја обликуваат иднината на автомобилите и патувањето во светот.

Магазинот наведува дека Маск оставил голема трага на нашата планета и дека е можно истото да го направи и на Марс.

Во септември 2021 година, „Спејс Икс“, компанијата што е основана во 2002 година, влезе во историјата откако ја изврши првата мисија во вселената со екипаж составен од цивили. Меѓу нив имаше и лице кое преживеало рак во детството, пренесува „Тудеј“.

Откако учествуваше во она што многумина го нарекуваат „трка на милијардерите во светот“, НАСА во април го избра „Спејс Икс“ на Маск да го изгради лунарниот лендер од следната генерација, а тој победи двајца противкандидати и доби договор вреден тгри милијарди долари.

Насловот за личност на годината на „Тајмс“, што го објавуваат уредниците на списанието секоја година на крајот на календарската година, не е нужно награда или почест, туку влијание што таа личност или лица го има врз вестите во текот на претходната година.

Минатата година американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис беа избрани за личности на годината.