Има целосна подршка за Македонија да влезе во ЕУ, вели Рокас

 

Вратата на Европската унија е отворена ширум. Има целосна подршка за Македонија да влезе во ЕУ и сметам дека во овој момент е неопходно земјата да се обедини, Владата, опозицијата, Собранието, граѓанското општество, бизнисите и младите да бидат прагматични да ги забрзаат реформите, порача денеска евроамбасадорот во земјава Михаил Рокас.

Тој на промоцијата на два истражувачки труда: „Анализа на јавното мислење за пристапување на Македонија во Европската Унија (2014 – 2025) и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавното мислење за пристапување во ЕУ во 2025“ во Собранието, изрази убедување дека иако анкетата покажала дека граѓаните сметаат оти надворешниот фактор е пречка за влез во Унијата, доколку се случи вантрешно обединување ќе се надминат другите пречки.

– Ви гарантирам дека ако ова се случи, без оглед на тоа што граѓаните мислат дека има проблеми, пречките кон пристапувањето ќе се надминат. Не само дека треба веднаш да се постапи и не е само шанса што треба да се искористи, туку е такво и времето. Оваа година и минатата не можеме да ги споредиме со ситуациите пред пет-шест или четири години, рече Рокас, нагласувајќи дека сега е прашање како да градиме партнерство, доверба и кому да веруваме.

Изрази задоволство што, според анализата, ЕУ е партнерот со најголема доверба.

– Се надевам со трудот што ќе го вложиме заеднички оваа година ќе имаме уште подобри резултати следната, не само во анкетата, туку и од прагматичен аспект во поглед на движењето на земјата кон ЕУ, рече Рокас.

 

Процентот на населението кое е „за“ пристапување во Унијата се зголемил за 10 проценти, односно од 61 на 71 отсто

 

Споредувајќи го истражувањето со она од минатата година, нагласи дека резултатите даваат голем поттик, односно процентот на населението кое е „за“ пристапување во Унијата се зголемил за 10 проценти, односно од 61 на 71 отсто.

– Поголема е поддршката од младите. Многу е важно што и младите ја поддржуваат, односно младите покажуваат дека тоа е иднината. Ветер во гради е што различните етникуми или учество од политички партии се стеснува, има помал јаз. Сите се „за“ ЕУ. Забележуваме дека граѓаните ги одразуваат и приоритетите на планот за раст на ЕУ и агендата за реформи, поточно заштитата на животната средина, но и реформите на судството и борбата против корупцијата, истакна Рокас.

Според него, голем поттик е што Европската унија и понатаму е партнер од доверба на земјата, економски партнер и главен донатор.

– Многу голем поттик ни дава наодот дека граѓаните сметаат дека државата ќе влезе во ЕУ од само 17 до над 30 отсто, додаде Рокас.

Амбасадорката на Германија во земјава, Петра Дрекслер, смета дека потребно е да се види перцепцијата на населението во однос на процесот на пристапувањето на Европската Унија.

– Покрај сложеноста на процесот на пристапувањето кон Европската Унија потребно е да се има добри податоци кои се собираат во еден подолг временски период, врз основа на постојани кохерентни методолошки рамки, со цел да може да се види како перцепциите во рамките на одредено население во однос на процесот на пристапувањето на Европската Унија се развиваат, рече Дрекслер.

Осврнувајќи се на геополитичката состојба и дискусиите во Давос, според неа, дале до знаење дека живееме во период на тектонски промени, со многу длабоки импликации за нашата безбедност, сигурност, мирот и за нашата иднина како Европа.

– Нашата сила е во безбедноста, во конкурентноста како Европа и во нашата единственост. Тој ги вклучува не само земјите членки, туку и сите они кои што ние ги сметаме за наши блиски сојузници. Не само затоа што се важни трговски партнери и со кои имаме силни врски и нашите стопанста се поврзани. Имаме доста голем пат ододено заедно во последните декади со кои делиме цели, а тоа е оваа земја и овој регион да бидат интегрирани во Европската Унија и ништо на тој план не е променето, нагласи Дрекслер.

Нашето единство како европјани, подвлече, се гледаат и во студијата и доста охрабруваат.

– Најважно е што намалувањето на довербата меѓу населението е запрено. Кредибилитетот на процесот на пристапување е зголемен и мислам дека од страна на ЕУ значително имаме инвестирано за тоа и со планот за раст и со договорите за реформските агенди што ги осмислуваат владите и земјите, истакна Дрекслер.

Со постојан напор за зајакнување на економската интеграција, подвлече, која што конечно ќе произлезе и со членството, нешто на кое често сме потсетувани овие денови.

– Мислам дека еден охрабрувачки резултат на оваа студија е дека не се работи само за економските придобивки што македонските граѓани го гледаат како мотивација за пристапување кон Европската Унија, туку дека тука влегува и чувството на припаѓање како согледувањето дека институционалните реформи кои водат кон зајакнување на владењето на правото и функционирањето на државата како целина, го водат овој процес, рече амбасадорката Дрекслер.

За неа важна е перцепцијата, но и исто толку важно е и толкувањето, повикувајќи добро да се искористи анкетата за да се дефинира патот во иднина и да се создаде напредок.