Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, тврди дека досегашните редовни анализи на ЈП „Комуналец“ покажале оти испитаните примероци од водата биле во рамките на законски дозволените вредности. Тој повика да се почекаат официјалните резултати од дополнителните лабораториски испитувања, откако голем број граѓани побараа медицинска помош, а дел од сомнежите се насочени кон можна контаминација на водата од градскиот водовод.

Лимани на својот профил на Фејсбук напиша дека по добиената пријава, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции извршиле дополнителен увид и зеле нови примероци за лабораториско испитување.

До објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, воведена е привремена забрана за користење на водата за пиење и за подготовка на храна. Градоначалникот апелираше граѓаните целосно да ја почитуваат мерката, нагласувајќи дека таа е превентивна и е донесена заради заштита на нивното здравје.

Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, Лимани се повика на информациите од ЈП „Комуналец“, според кои на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, тој нагласи дека сите наводи се предмет на проверка и дека конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции.

„Во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод. Причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи. Општината е во постојан контакт со сите надлежни институции и целосно соработува во постапката“, напиша Лимани.

Тој ги повика граѓаните да останат смирени, да ја почитуваат привремената забрана за користење на водата и да се информираат исклучиво од официјални извори.

„Во вакви моменти, одговорноста на институциите е да ги утврдат фактите, а одговорноста на сите нас е да не шириме непроверени информации. Здравјето на граѓаните е најважно и секоја одлука ќе се носи исклучиво во согласност со официјалните стручни наоди“, порача градоначалникот.