Првата ѕвезда на Лацио, Чиро Имобиле и после година ипол не може да го преболи шокантниот пораз и елиминацијата во мундијалскиот бараж од Македонија (0-1 во Палермо), па сега како капитен на „аѕурите“ ќе го предводи новиот тим на Лучано Спалети, утревечер во Скопје, во обид за одмазда за како што вели – најтешкиот и најболен пораз во кариерата.
Италија секако е фаворит против Македонија, на дебито на Спалети, но без оглед на јунското фијаско на црвено-жолтите, македонската репрезентација најавува битка за ново изненадување, а во досегашните три меча, Италија секогаш имала мака со нас. Имобиле во 2016 година на првото гостување ни даде два гола, тогаш за победа во 91-та минута со 3-2.
„Сѐ уште немам мир после Палермо. Тоа беше најболното нешто во кариерата, најтешкиот пораз кој сум го доживеал. Многу поголем и потежок од таа елиминација од Шведска (за СП 2018 во Русија – н.з.), најмногу зашто го дочекавме баражот после едни преубави моменти, радости и емоции (Италија стана европски првак во јули 2021 – н.з.)… Но, тој пораз од Македонија како да ни ги скрши нозете. Некако бевме избезумени, премногу желни да постигнеме резултат, а сѐ ни се врати како бумеранг“, вели Имобиле.
Италија после елиминацијата, неиграњето на СП, имаше мали блесоци во Лигата на нации, но предалеку е селекцијата од таа која се искачи на кровот на Европа, осум месеци пред шокот на Сицилја, а сега Италијанците очекуваат нов (ре)старт со Спалети откако во овој циклус веќе загубија еден меч од Англија во Неапол (1-2) која им се реваншираше за поразите во финалето на ЕП и во Лигата на нации.
Имобиле посочи дека одбил да замине во Саудиска Арабија, за да остане да игра за репрезентацијата и да биде во конкуренција за настап на претстојниот континентален шампионат.
„Убеден сум дека со Спалети ќе имаме прекрасна авантура и во Скопје ќе биде почетокот на таа авантура. Неговиот начин на пристап кон секој поединец, начинот на кој ги пренесува чувствата, како нѐ тренира… Сето тоа ми влева голема надеж. Јас несакав да одам во С. Арабија и ги одбив понудите, зашто сакав да продолжам да доживувам посебни емоции во овој дрес на репрезентацијата и дека можам уште многу да ѝ дадам, а плус и Европското првенство е близу“, додава Имобиле.