Изрекувањето на пресудата следува откако бизнисменот Митровски на првото рочиште одржано на 20 март годинава призна вина и постапката за него беше раздвоена. Тогаш со него на обвинителна клупа седнаа и Цветан Панделевски и Јованчо Тасковски. Панделевски не призна вина и пред судот рече дека не го разбира обвинението и не се чувствува виновен
Бизнисменот Зоранчо Митровски во случајот „Империја“ доби условна казна од две години затвор која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Неправосилната пресуда денеска ја изрече судечки совет во Основниот кривичен суд Скопје на чело со судијката Васка Николовска-Масевска. Покрај казната, со првостепената пресуда судот одлучи Зоранчо Митровски и „Еземит вино“ ДООЕЛ солидарно да платат и отштета од 92,25 милиони денари (околу 1,5 милиони евра) во корист на Буџетот на РСМ, додека фирмата АД „Бетон Штип“ за преднајавената штета се упатува парите да си ги бара во граѓански спор.
Митровски пресудата ја доби за две кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
„Судот за кривично дело злоупотреба на службената положба му утврдува казна затвор од една година и три месеци, додека за делото перење пари казна затвор од една година и еден месец. Согласно законот за двете кривична дела судот му одредува една единствена алтернативна мерка условна осуда казна затвор од две години затвор, ако во следните пет години не стори друго кривично дело“, рече судијката Николовска Масевска.
Изрекувањето на пресудата следува откако Митровски на првото рочиште одржано на 20 март годинава призна вина и постапката за него беше раздвоена.
Тогаш со него на обвинителна клупа седнаа и Цветан Панделевски и Јованчо Тасковски. Панделевски не призна вина и пред судот рече дека не го разбира обвинението и не се чувствува виновен. Тасковски, пак, преку неговиот адвокат побара одложување за да направи увид во штетата, а адвокатот Мерџан Даути рече и дека неговиот клиент се двоуми да признае и вина.
Во истрагата за „Империја“ беа опфатени 19 лица, но дел од нив во меѓувреме признаа вина и се спогодија со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за дел постапката беше прекината поради застарување, а за дел имаше решенија за запирање на постапката.
Спогодба постигнаа седуммина меѓу кои најзвучни се имињата на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев.
Мијалков со спогодбата доби тригодишна затворска казна и конфискација на имот во вредност од, како што тврдеше тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, 30 милиони евра. Затворската казна наместо во „Идризово“ тој ја издржува во затворот во Струга, кој е од отворен тип, откако непосредно пред издржувањето ја казната ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид.
Покрај тоа, сторијата што неодамна ја објави „360 степени“ покажа дека недвижниот имот на Сашо Мијалков конфискуван во предметот „Империја“ вреди 15 милиони евра, а не 30 милиони.
Спогодбата на Јордан Камчев, откако призна вина, беше да отслужи една година затвор и преку неговите фирми да уплати 5,2 милиони евра во Управата за јавни приходи односно во државниот буџет. Пресудата за „Империја“ му беше споена со онаа во случајот „Плацови на Водно“ со што тој доби вкупно 20 месеци затвор, кои како и Мијалков ги издржуваше во КПД „Струга“ од каде што на слобода излезе на 6 ноември минатата година.