Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги демантира тврдењата на домашната опозиција и на Филипче дека Владата не спроведува реформи. Тој го кажа ова во вечерашното гостување на телевизија Алсат М.

„Пораката од претседателката на Европската Комисија беше многу јасна и децидна која што го демантираше ова кое што го збори домашната опозиција“, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека Фон дер Лајен ја оценила работата на Владата како „импресивна“. Според него, станува збор за исклучително силна позитивна оценка.

„Таа вели вие правите импресивна работа, тоа ќе се согласите претставува највисока ниво на суперлатив и ќе се согласите дека таква реторика немаше на претходните дестинација која таа ги посети. Ние збориме за домашната политичка сцена, сега зборуваме дали оваа влада се плаши да испорачува реформи или не се плаши. Потврдата дојде од највисокото ниво на ЕК, тоа е претседателката, која пред да дојде во Скопје, беше на неколку други места и само тука го искористи тој вординг, односно највисоко нивно на суперлатив, кога рече дека ние правиме импресивна работа во делот на реформите. Што значи демантирани се лагите на опозицијата, ние работиме и реформираме.“, посочи премиерот Мицкоски.