Во текот на денот, до 18:30 часот, биле регистрирани вкупно 30 пожари на отворен простор. Од нив, 12 се активни, два се под контрола, а 16 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни пожари има во Општина Студеничани, меѓу селата Драчевица и Цветово, кај месноста „Калдиред“, како и од Количани, кај месноста „Краста“, до Црвена Вода. Таму гори мешана шума и ниска вегетација. Во Општина Чашка пожарот е кај селото Јаболчиште, во месноста „Биков Гроб“, каде што гори букова и дабова шума, кривуљ и ниска вегетација.
Во Општина Липково се активни два пожара: кај селото Стрима, во месноста „Гури Куќ“, каде што гори борова и нискостеблеста шума, и кај селото Матејче, каде што гори ниска вегетација. Пожари има и во Општина Дебарца, кај селото Лактиње; во Општина Виница, кај селото Лески, каде што гори стрниште и ниска вегетација; во Општина Врапчиште, кај селото Добри Дол, каде што гори ниска вегетација; и во Општина Битола, кај селото Кукуречани, каде што гори стрниште и ниска вегетација.
Во Општина Новаци пожарот е кај селото Добромири, покрај Црна Река, каде што гори ниска вегетација и шамак. Активни се и пожарите во Општина Прилеп: кај селото Ерековци, каде што гори ниска вегетација; кај селото Шелеверци, каде што гори стрниште и ниска вегетација; и кај селото Средорек, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола се пожарите во Општина Куманово, на депонијата „Краста“, каде што гори ѓубре, и во Општина Кочани, меѓу селата Грдовци и Мојанци, на дива депонија со гуми и дрва.
Изгаснат е пожарот во Општина Сарај, кај селото Долно Свиларе, каде што горела борова шума. Во Општина Центар е изгаснат пожарот на булеварот „Гоце Делчев“, каде што горело ѓубре, а во Општина Чаир на улицата „372“, каде што горела ниска вегетација. Изгаснат е и пожарот во Долно Лисиче, во Општина Аеродром, каде што гореле ѓубре и ниска вегетација, како и пожарот во селото Идризово, во Општина Гази Баба, каде што горела нива.
Во Општина Могила се изгаснати пожарите кај селото Мусинци и меѓу селата Српци и Беранци. На двете локации гореле стрниште и ниска вегетација. Изгаснати се и пожарите во Општина Долнени, кај селото Локвени, каде што гореле стрниште и ниска вегетација, и во Општина Демир Хисар, кај селото Кутретино, каде што гореле грмушки и ниска вегетација.
Во Општина Босилово е изгаснат пожарот кај селото Секирник, каде што горела ниска вегетација, а во Општина Василево пожарот кај селото Нова Маала, каде што исто така горела ниска вегетација. Изгаснат е и пожарот во Општина Македонска Каменица, кај селото Моштица, во месноста „Павлиш дол“, каде што горела ниска вегетација, како и пожарот во Општина Виница, кај селото Драгобрашта, каде што гореле смреки и ниска вегетација.
Пожари се изгаснати и во Општина Куманово, кај селото Романовце, каде што горела ниска вегетација; во Општина Кратово, на градската депонија, каде што горело ѓубре; и во Општина Врапчиште, кај селото Неготино, каде што горела ниска вегетација.
