Индија ќе воведе дигитална варијанта на домашната валута рупија и ќе оданочува трансакции во криптовалути, изјави министерката за финансии Нирмала Ситараман.
Дигиталната рупија ќе биде воведена во новата фискална година што почнува во април, истакна Ситараман на презентацијата на буџетот, додавајќи дека тоа „ќе и даде голем поттик на дигиталната економија и ќе создаде услови за поефикасен и поевтин систем за управување со валутата“.
Индиската министерка за финансии наведе дека планираат да го оданочуваат приходот од трансферот на виртуелни средства со стапка од 30 отсто, додавајќи дека какви било загуби од таквите трансакции нема да бидат одбиени од даноците.
Најавата за дигитална варијанта на рупиите се совпадна со објавувањето на истражувањето, што покажува дека Индија е еден од најбрзо растечките пазари на криптовалути во светот и дека Централната банка предупредува дека регулацијата на дигиталниот капитал е неопходна за борба против ризикот од перење пари, финансирање тероризам и инфлација.