Создавањето содржина со комерцијална цел може да се смета за прекршување на туристичката виза
Индонезија воведе построги правила за туристичкиот престој, со кои особено ќе бидат опфатени инфлуенсерите, креаторите на дигитална содржина и дигиталните номади кои престојуваат на Бали.
Властите предупредија дека снимање и објавување содржина со цел заработка може да претставува прекршување на условите за туристичка виза. За такви активности се предвидени парични казни, депортација, а во одредени случаи и забрана за повторен влез во земјата.
Спонзорствата и рекламите може да бидат причина за казни
Според новите правила, како работа не се смета само традиционалното вработување. Во прекршување може да се вклучат и активности од кои странците остваруваат финансиска или друга корист.
Тоа опфаќа спонзорства, рекламирање производи, платени соработки, како и добивање бесплатно сместување во замена за промоција.
Индонезиските власти наведуваат дека дури и ако содржината е објавена по напуштањето на земјата, може да се утврди дека била создадена за време на престојот и да биде поведена постапка.
Засилен надзор врз странските државјани
Во изминатиот период институциите го зголемија надзорот, особено на Бали, каде што се следат активностите на странските државјани и нивното присуство на социјалните мрежи.
Поради прекршување на визискиот режим веќе биле приведени десетици лица.
Надлежните посочуваат дека мерките не се насочени кон обичните туристи, туку кон оние кои туристичката виза ја користат за комерцијални активности.
Тие им препорачуваат на инфлуенсерите и креаторите на содржина пред патувањето да проверат дали нивната виза дозволува снимање, рекламирање или деловни соработки за време на престојот.
