Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Жозеп Марија Берокал, го анализираше неочекуваниот пораз од Кипар со резултат 75:85 во рамките на претквалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во 2029 година. Шпанскиот тренер се осврна на клучните падови во играта на нашиот национален тим.
Шпанецот упати апел за единство и заедништво меѓу кошаркарите, потенцирајќи дека селекцијата ќе има прилика да ги поправи грешките во следниот квалификациски прозорец што е закажан за февруари.
„Мечот го започнавме на неочекуван начин. Имавме израмнети четвртини, одбраната се подобри во третиот период, но во последните десет минути покажавме една поинаква игра. Се зголемија грешките, промашувавме, но мора да научиме од овој пораз и да останеме заедно. Овој натпревар не беше како што посакувавме, но во февруари имаме уште две шанси да си ја завршиме задачата“, изјави Берокал.
Селекторот нагласи дека неговите избраници мора да покажат максимална почит кон секој противник и да се придржуваат до базичните правила на играта, признавајќи дека кипарските кошаркари сосема заслужено стигнале до триумфот во Скопје.
„Мора да ги почитуваме сите репрезентации и кошарката, како и нејзините едноставни правила. Денеска не го правевме тоа, не почитувавме да вадиме топка надвор, играта еден на еден, да не губиме топки, протокот на топка… Кипар одигра добар натпревар. Тажен сум, но ќе размислуваме за следниот прозорец и натпреварите што ни претстојат. Можам да разберам кога ќе промашиш шутеви, но другите работи што се во твои раце и не ги контролираш – тоа не го разбирам. Шутот за три поени можеби беше и клучен на крајот, но сега е готово“, додаде шпанскиот тренер.
На крајот од своето обраќање, Берокал порача дека репрезентацијата мора да го задржи позитивниот дух и максимално да се подготви за следните обврски. Запрашан за евентуална оставка од кормилото по неочекуваниот пораз на домашен терен, тој беше дециден дека таква опција не постои.
„Мора да останеме оптимисти, да размислуваме за натпреварите и да се подготвиме за она што ни следи. Во овој момент не размислувам за оставка. Никогаш во животот немам таков пристап“, порача Берокал.
