Инфлацијата во САД повторно се забрзува, а последиците од конфликтот на Блискиот Исток сè посилно се чувствуваат врз американската економија и секојдневниот живот на граѓаните.

Според најновите податоци од Бирото за статистика на трудот на САД, потрошувачките цени во април се зголемиле за 3,8 отсто на годишно ниво, што е најголем раст од мај 2023 година.

Најголемиот притисок доаѓа од енергијата и храната. Цените на горивата нагло пораснале по ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран и практичното затворање на Ормускиот Теснец, еден од најважните поморски патишта за транспорт на нафта и гас.

Просечната цена на галон безоловен бензин во САД достигнала 4,50 долари, највисоко ниво од летото 2022 година, според податоците на автомобилската асоцијација ААА.

Од Бирото наведуваат дека речиси половина од вкупното зголемување на инфлацијата е поврзано со растот на цените на енергијата. Дополнителен притисок создаваат и поскапите станови и прехранбени производи.

Овие податоци повторно го отвораат прашањето колку американската економија е чувствителна на геополитички потреси, особено во период кога пазарите очекуваа смирување на инфлацијата и почеток на намалување на каматните стапки.