Интензивно продолжува изградбата на автопатот Кичево–Охрид, при што 37 километри од трасата веќе се готови. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека над 10 километри ќе бидат пуштени во употреба во следните не повеќе од два месеца, додека целиот автопат се очекува да биде завршен во првата половина од 2027 година.
„Да, ние интензивно работиме на завршување на Охрид–Кичево. 37 километри се готови, некаде над 10 километри ќе ги пуштиме во следните не повеќе од два месеци, а во првата половина на следната година, како што ветивме, ќе го пуштиме целиот автопат Охрид–Кичево“, изјави Николоски.
Според него, пуштањето на целата делница ќе ја подобри комуникацијата со Охрид, Струга и Кичево, но и со Скопје и со останатиот дел од земјата.
„Што многу ќе помогне секако за комуникацијата и со Охрид, и со Струга, и со Кичево, но и со Скопје и со цела Македонија“, рече тој.
Николоски оцени дека развојот на патната инфраструктура паралелно со аеродромите е важен за подобра поврзаност и економски развој на земјата.
„Паралелната изградба и на автопати и развојот на аеродромите е најдобриот начин Македонија да се постави како вистинска раскрсница на Балканот“, порача министерот.
