Охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“ доби реконструиран и проширен терминал со значително поголем капацитет за патници, а бројот на летови и дестинации продолжува да расте. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски очекува аеродромот годинава да опслужи меѓу 350.000 и 400.000 патници.
„Практично имаме еден нов аеродром. Уште ако видите од влезот, делот за доаѓања, па и целото искуство коешто ќе го видиме. Имаме една целосна надградба на Охридскиот аеродром, реконструкција на постојната терминална зграда и надградба на истата. Понатака се изградија целосно нови простории коишто се однесуваат во делот на полициската станица, во делот на царината, административните објекти.“
Најзначајните промени за патниците се во терминалната зграда, каде што бројот на шалтери за чекирање е зголемен од два на осум, а бројот на излези од два на четири. Функционалната целина сега има 3.400 квадратни метри.
„Но најбитното за патниците е што имаме еден целосно нов терминал, целосно нова терминална зграда со осум места за чекирање (ако претходно имаше два), со четири излези (ако претходно исто така имаше два) и зголемување на капацитетот некаде за дупло од она што беше претходно. Добиваме една функционална целина од 3.400 метри квадратни, ново искуство за патниците, што секако ќе придонесе кон многу, многу повеќе патници, повеќе летови и повеќе дестинации.“
Според Николоски, растот на Охридскиот аеродром е значително над првичните очекувања. Со концесијата со ТАВ било предвидено аеродромот до 2031–2032 година да достигне 130.000 патници, но според него годинава бројката може да биде неколкупати поголема.
„Ако беше предвидено во концесијата со ТАВ дека некаде до 2031–32 ќе стигне до 130.000 патници, јас очекувам оваа година дека Охридскиот аеродром ќе е помеѓу 350 и 400.000 патници. Значи за некаде три и пол пати над она што било планирано за шест години од сега. Очекувам да расте и за многу скоро време да помине и половина милион патници.“
Аеродромот годинава веќе постави апсолутен рекорд со 21 лет во еден ден и над 3.000 патници во еден ден.
„Она што е многу значајно е дека оваа година Охридскиот аеродром го имаше апсолутниот рекорд – 21 лет во еден ден, што претходно никогаш не е видено, и над 3.000 патници во еден ден, што исто така претходно не е видено, и навистина огромна можност за раст.“
Во реконструираниот дел е проширена и пасошката контрола, а безбедносната проверка се одвива преку две линии. Отворени се и два нови излези кон аеродромот.
„Тука се работи за едно целосно продолжување од делот на пасошка контрола, којшто се зголеми со неколку шалтери, преку делот на проверка на секјурити каде што многу побрзо одат патниците затоа што има веќе две линии за таа работа, до целиот овој дел позади нас каде што е делот за полетување, каде што се отворија два нови излези кон аеродромот.“
Растот на сообраќајот се гледа и во бројот на дневни летови.
„Само денес имаме 16 летови на Охридскиот аеродром, осум дестинации, нешто што било претходно незамисливо. Цел месец Охридскиот аеродром немал по 16 летови, а денеска само во еден ден имаме. Но како што можете да видите, тоа не се чувствува толку многу во оптовареност на аеродромот и навистина инвестицијата којашто се направи беше правилна и во правилно време.“
Николоски најави и можност „Виз ер“ да воспостави база во Охрид со стационирање најмалку еден авион. Во Скопје авиокомпанијата веќе има седум авиони.
„Практично разговараме најмалку еден авион да стационираат тука и на Охридскиот аеродром, како би имале и во Охрид своја база од „Виз ер“. На тој начин дополнително ќе расте бројот на патници.“
Во меѓувреме, зголемена е фреквенцијата на летовите од Белград, Истанбул и Виена, а Николоски најави и нови дестинации.
„Она што ми е исто така драго е дека одредени дестинации ја зголемуваат фреквенцијата на летови. На пример, од Белград се зголеми фреквенцијата на летови, од Истанбул се зголеми фреквенцијата на летови, од Виена се зголеми фреквенцијата на летови. Ќе продолжиме во следниот период, за многу брзо време ќе најавиме и нови дестинации.“
Растот на воздушниот сообраќај, според Николоски, се одразува и врз туризмот. Тој посочи дека бројот на ноќевања во Македонија од јануари до мај пораснал за 20 проценти.
„Ако видите дека од јануари до мај бројот на ноќевања општо во Македонија – како главни туристички места секако се трите езера: Охридското, Преспанското и Дојранското, но има доста гости и во Гевгелија и во Скопје – бројот на ноќевања порасна за 20%. Што значи дека се работи за една огромна бројка, голема бројка, и тоа е резултат и на авиолиниите. Тоа е резултат и на промоцијата којашто ја правиме за Македонија, но и на авиолиниите.“
