Во интервју за Радио Лидер пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска говореше за Собраниските активности, локалните иницијативи и локалните избори.
Благодарам што издвоивте време за ова интервју, за почеток кажете ни нешто повеќе за вашите ангажмани и активности во Собрание. Кои се вашите главни приоритети во тековниот мандат?
Од многуте собраниски активности, како еден од моите приоритети би ја издвоила работата во собраниската комисија за образобание, наука и спорт, каде се борам за унапредување на условите во образованието и поддршка на наставниците, моите драги колеги.
Сметам дека образованието, младите и семејствата се трите основни столба врз кои со посветена работа можеме да ја изградиме иднината на Македонија. Образованието не смее да биде само формално, туку мора да биде квалитетно, достапно и применливо во реалниот живот.
Од тие причини, активно сум вклучена во анализи и носење на законски решенија што се однесуваат на образовните програми, статусот на наставниот кадар, дигитализацијата на наставата и поголема поддршка за учениците и студентите.
Сакам да гледам генерации кои ќе бидат образовани, посветени и сигурни во својата иднина…тука – дома. Младите се нашата највредна сила и токму затоа се залагам за создавање услови тие да останат овде. Тоа значи вистински реформи во високото образование, поддршка за првото вработување, инкубатори за млади претприемачи, но и квалитетни културни и спортски содржини. Треба да им дадеме перспектива и сигурност. Секој денар треба да биде насочен кон создавање силна и подготвена младина бидејќи тоа е темелот на успешна и стабилна држава.
Затоа, ние како политичари мораме да покажеме конкретни резултати и да работиме со таа мисла секој ден, за да ја заслужиме довербата на граѓаните и да изградиме систем што функционира еднакво за сите.
Покрај темата образование, кои други области/теми заслужуваат висок приоритет?
Поддршката на семејствата е исто така, приоритет во собраниските активности. За жал, реалноста покажува дека состојбата со наталитетот ни е загрижувачка повеќе од една деценија. Семејствата се соочуваат со постојани финансиски и социјални проблеми и предизвици. Затоа поддржувам мерки како што се олеснување на условите за станбено згрижување на млади брачни парови, проширување на капацитетите на градинките, гарантирање права и услови за пензионери и работоспособни лица, помош и поддршка на социјално загрозени семејства и семејства со лица со посебни потреби, како и бројни проекти наменети за подобрување на квалитетот на живот во локалните самоуправи, потенцираше Трајкоска.
Со оглед на фактот дека во јавноста големо внимание привлече признанието што го добивте од Француската Република, кажете ми нешто повеќе што претставува ова признание за Вас лично, но и професионално.
Со голема чест и длабока благодарност ја примив титулата „Витез од редот на академски палми“ (Chevalier dans l’Ordre des Palmes Académiques), доделена од страна на Француската Република. Ова одликување го добив како признание за мојот долгогодишен ангажман во промовирањето на францускиот јазик, култура и образовна соработка меѓу Република Македонија и Франција.
Професионално, ова е дополнителна мотивација да продолжам со посветена работа на унапредување на образовниот систем во Македонија, како и да поттикнувам меѓународни партнерства, особено оние што се насочени кон младите и нивната едукација.
Продолжувам да работам на проекти што го поврзуваат македонското образование со меѓународните образовни текови, а особено поддржувам учење странски јазици, академски размени и меѓукултурна комуникација.
Ова признание само го зацврсти моето уверување дека вложувањето во знаење е највредната инвестиција што може да ја направиме како поединци, но и како општество, истакна пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Како ја одржувате врската со граѓаните во општината од која што доаѓате, Општина Кисела Вода? Кои се најважните локални иницијативи на кои работите?
Во поглед на локалните иницијативи, континуирано сум во контакт со граѓаните преку теренски средби, отворени денови во канцеларијата и преку социјалните мрежи. Во мојата општина, активно работиме на подобрување на инфраструктурата, се реализираат проекти за реконструкција на училишта, изградба на спортски сали и локални патишта. Посебно сум горда што успеавме да обезбедиме средства за нова детска градинка и ново училиште во мојата Кисела Вода, нешто што жителите го бараа со години.
Секогаш иницирам и поддржувам проекти кои значат развој и напредок на мојата општина. Тука би ги издвоила средствата за 22 капитални проекти кои ги обезбедивме за Кисела Вода, а кои значат директна инвестиција во здравствениот, образовниот, социјалниот, културниот и инфраструктурниот развој на општината.
Соработката помеѓу локалната и централната власт треба да биде вистински пример за тоа дека сите заедно мораме да работиме за иднината на општините, а преку тоа и на државата.
И понатаму продолжувам со сите сили да работам за реализација на големи проекти кои ја менуваат сликата на Кисела Вода. Заедно сите, со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски направивме многу, но не застануваме тука!
Нова поликлиника, канализација Бабин Дол, реконструкција на објектите на местните заедници во Драчево и Пинтија, доградба на спортска сала во основното училиште Кузман Шапкарев, јавно улично осветлување на патот кон манастир Пеленица, атмосферски канализациони мрежи, реконструкции на улици, линиски објекти, речни корита, пешачки патеки, спортска сала (затворено спортско игралиште) во подрачно Основно училиште „Круме Кепески“, доградба на основното училиште ,,Невена Георгиева – Дуња“ итн.,
Што значат овие проекти за граѓаните на општина Кисела Вода?
Ова се проекти кои значат директни инвестиции во квалитетот на живот на граѓаните. Ова се проекти кои покажуваат рамномерен развој на дело, нешто што ретко се памети во минатото, но претставува цврста основа за стабилен и траен прогрес, како и силен поттик за понатамошна работа и реализација на големи дела.
Како гледате на претстојните локални избори, што може да очекуваат граѓаните од вашата партија на локално ниво?
Во таа насока, кога станува збор за локалните избори, очекувам фер и демократски избори на кои граѓаните ќе ги вреднуваат делата, а не празните ветувања. Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ досега реализираа сериозни проекти, од урбани решенија до социјални програми. Ќе продолжиме со таа политика на транспарентност, работа на терен и одговорност. Верувам дека граѓаните тоа го препознаваат.
Политиката е алатка за подобрување на секојдневниот живот. Ако не се вклучиме сите, не можеме да очекуваме промени.
Ќе продолжиме да практикуваме транспарентност, отчетност и постојана комуникација со сите луѓе. Убедена сум дека ќе победи визијата, делата и чесноста, завршува таа.
Инаку за потсетување, пратеничката веќе неколку пати била гостин на нашиот медиум: