Жителите на Скопје што во 2025 година инвестирале во високо ефикасни инвертер клима-уреди ќе добијат надомест до 20.000 денари по домаќинство, а данокот на личен доход целосно ќе го покрие Градот, информираат од Град Скопје. Решенијата за исплата на субвенциите вечерва ги потпиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во согласност со Јавниот повик на кој аплицираа скопјани.
– Со оваа мерка ги поддржуваме домаќинствата што инвестирале во набавка на високо ефикасни инвертер клима уреди во 2025 година, кои ќе носат пониски трошоци, повисока енергетска ефикасност и значително подобри услови за живеење. Со инвестирање во клима уреди, правиме чекор напред кон почиста и поздрава животна средина. Со намалена потрошувачка на енергија и пониско ниво на емисии, тие директно придонесуваат кон заштита на воздухот и создавање поеколошко и одржливо Скопје, истакна Ѓорѓиевски.
Градот најави дека ќе продолжи со нови јавни повици за субвенции, со цел да се олесни секојдневието на граѓаните и да се подобри квалитетот на живот во Скопје.
– Во периодот што следи, ќе продолжиме со нови јавни повици за субвенции, со цел да го олесниме секојдневието на нашите сограѓани и да го направиме нашиот град подобро место за живеење, додаде градоначалникот.
