Во пролетта 2025 година се очекува да почне со работа и во наредните 25 години да овозможи зелена енергија за околу 20 илјади домаќинства во државата.
– Првиот приватен парк на ветерници во земјава Богословец во домашна сопственост денеска станува реалност. Овој проект е исклучителен придонес кон пренасочувањери на нашето национално производство на електрична енергија кон обновливи избори и надополнување на електричното произвдоство приклучено на државниот оператор. Ветропаркот Богословец со предвидените осум турбини и моќност од 36 мегавати ќе го удвои постојниот ветерен капаците во земјата и ќе придонесе кон намалување на CО2 емисите од над 87.000 тони годишно, рече премиерот Зоран Заев на свеченоста по повод стартот на инвестицијата.
Министерот за економија Крешник Бектеши потенцираше дека изградбата на ветерната електрана „Богословец“ е инвестиција на домашна компанија со која ќе се зголеми учеството на енергетиката произведена од ветерни електроцентрали во државата за дополнителни 36 мегавати.
– Ова нека биде пример за сите наши стопанственици – домашни, но секако и странските кои се повеќе од добредојдени да инвестираат во нашата држава за да ја користат можноста да инвестираат во обновливите извори на енергија во нашата држава бидејќи нашите закони тоа веќе го овозможуваат, нашата определба како Влада, како Министерство, како други институции кои се вклучени тоа го овозможуваат на транспарентен, конкурентен и отворен начин каде сите ќе бидат еднакви, рече Бектеши.
Владата ја одобри изградба на ветерниот парк на барање на „Тор Импекс“, проектна компанија што го развива проектот за „Богословец“. „Siemens Gamesa“ ќе произведува и ќе инсталира осум ветерни турбини на локацијата. Напојувани од ротори со дијаметар од 145 метри со висина на јарбол од 102,5 метри, овие турбини ќе имаат вкупен капацитет од 36 MW откако ќе се активираат.
Проектот „Богословец“ треба да придонесе за поставените цели на државата да го пренасочи национално производство на електрична енергија, во кое сè уште доминира кафен јаглен (лигнит), кон зелени извори. Државата сака да го зголеми за повеќе од 50 проценти својот национален обновлив капацитет до 2024 година, што доведува до дополнителни 400 MW и 160 MW соларна и ветерна енергија.