Пандемијата на ковид-19 има длабоко влијание врз економијата на С Македонија и способноста да ги апсорбира странските инвестиции. Иако напорите на Владата да го насочи производството кон потребите и да ги контролира цените на почетокот на пандемијата во голема мера се завршени, ограничувањата за движење на луѓето и значителното зголемување на невработеноста ја ограничија потрошувачката и ги забавија услугите потребни за отворање бизнис, се наведува во извештајот на Стејт департментот за климата за инвестирање во С Македонија државата за 2021 година.

-Пандемијата нагло ја смени ситуацијата со БДП на земјата, преминувајќи од пораст од 3,2 проценти во 2019 година на пад од 4,5 проценти во 2020 година, иако во март Владата предвидуваше дека економијата ќе порасне за 4,1 процент во 2021 година. И додека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија и правната рамка е главно во согласност со меѓународните стандарди, корупцијата е постојан проблем, нагласено е во извештајот.

Службеници остануваат ангажирани во коруптивни активности

Како што се наведува, целокупното регулаторно опкружување на земјата останува сложено и честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување, погодно за корупција. Владата генерално спроведува закони, но има бројни извештаи дека некои службеници остануваат ангажирани во коруптивни активности.

Стејт департментот посочува дека Транспаренси интернешнл ја рангираше Северна Македонија на 111 место од 180 земји во својот индекс на перцепција на корупција во 2020 година, што е за 5 места подолу од претходната годин. Новата влада,избрана на 30 август 2020 година, презема чекори за подобрување на инвестициското опкружување. Министрите без ресор, кои претходно ја делеа одговорноста за привлекување странски директни инвестиции беа отстранети, а кабинетот на вицепремиерот за економски прашања сега ги координира владините активности поврзани со странски инвестиции, поедноставувајќи го процесот.

-Дополнително, во обид да се справи со корупцијата, Државната комисија за спречување на корупција отвори голем број истраги поврзани со корупција, вклучително и оние во кои се вклучени високи функционери. Постојат неколку области што треба да се следат во 2021 година. Во 2020 година, Амбасадата во Скопје го идентификуваше ИКТ како сектор во развој, зрел за инвестиции во САД, бидејќи Владата неодамна се фокусираше на обезбедување подобра околина за развој на технологијата. Локацијата на Северна Македонија е предност бидејќи компаниите сметаат дека е соодветно нивното производство да биде поблиску до потрошувачките центри во Европа, по пандемискиот производствен недостаток во 2020 година,се наведува во Извештајот.

Корупцијата како проблем во владините тендери и во судството

Со цел да се зголеми транспарентноста и отчетноста при јавните набавки, како што се посочува, Бирото за јавни набавки воведе електронски систем кој овозможува објавување на известувања од домашни и меѓународни институции, прегледи на тендерска документација без регистрација во системот, е-плаќања за употреба на системот, електронско архивирање, и електронско поднесување жалби. Владата не бара приватните компании да воспостават внатрешни кодекси на однесување со кои се забранува поткуп на јавни службеници.

-Голем број домашни невладини организации се фокусираат на антикорупција и транспарентност во јавните финансии и тендерските постапки. Чести се извештаите за непотизам на јавните тендери. Владата не обезбедува никаква посебна заштита на невладините организации вклучени во истрагата на корупцијата. Многу бизниси кои работат во Северна Македонија, вклучително и некои американски бизниси, ја идентификуваа корупцијата како проблем во владините тендери и во судството. Ниту една локална фирма или непрофитна група не обезбедува услуги за проверка на потенцијални локални партнери за инвестиции. Странските компании често ангажираат локални адвокати, кои имаат познавање на локалните индустриски сектори и пристап до Централниот регистар и деловните здруженија, кои можат да обезбедат финансиски и позадински информации за локалните бизниси и потенцијалните партнери,се нагласува во извештајот.

Владеењето на правото останува клучен предизвик

Бројни меѓународни извештаи забележуваат дека владеењето на правото останува клучен предизвик во Северна Македонија, посочувајќи на прекумерно владино, бизнис или политичко мешање во судството и недоволното финансирање и управување со административните судови како големи пречки.

-Владата продолжи со големи реформи во текот на целата 2020 година, за подобрување на судската независност и непристрасност, но спроведувањето на договорите и согледуваните нетранспарентни практики за јавни набавки остануваат предизвик за деловните субјекти. Големите странски компании кои работат во технолошките индустриски развојни зони генерално пријавуваат позитивни искуства со инвестиции и одржуваат добри односи со владини претставници. Сепак, целокупната регулаторна средина останува комплексна, и честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидлива бизнис средина погодна за корупција,се констатира во извештајот.