Македонија има потенцијал за инвестиции во новите технологии, дата-центрите и вештачката интелигенција, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски од економскиот форум BELTALKS 2026 во Белград.

Андоновски беше говорник на панелот „Градење економија заснована на вештачка интелигенција: податоци, инфраструктура и конкурентност“, каде што ги претстави можностите за инвестирање во Македонија и условите за развој на технолошкиот сектор.

„Разговараме за иднината на регионот од економски аспект, а јас ги претставувам можностите за инвестирање во Македонија во областа на новите технологии и вештачката интелигенција. Имаме добар почеток, затоа што Македонија забележа раст на БДП од 3,7 проценти во првата половина од 2026 година и раст од 4,3 проценти во вториот квартал, во услови на ниска инфлација. Овој раст е воден и од инвестициите во ИКТ-индустријата и технологијата“, изјави Андоновски.

Тој порача дека целта е да се привлечат нови компании, капитал и знаење во земјата, особено во секторите поврзани со напредните технологии.

„Да отвориме нови можности за инвестиции во дата центри, примена на вештачката интелигенција и развој на технолошки компании, како и да привлечеме што е можно повеќе компании, разновиден капитал и ново знаење во Македонија“, додаде министерот.

На панел-дискусијата учествуваа и претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, и претседателот на Извршниот одбор на Yettel Bank, Александар Богдановиќ. Во фокусот беа можностите Западен Балкан да се позиционира како регионален центар за иновации, дата-центри и нови технологии.

Говорниците разговараа и за улогата на дигиталната инфраструктура, енергетските капацитети, човечкиот капитал и деловното опкружување во привлекувањето високотехнолошки инвестиции.

Андоновски во рамки на форумот ќе учествува и на затворена тркалезна маса посветена на регионалната интеграција, трговијата, работната сила и инвестициите.

BELTALKS 2026 се одржува во Белград, во организација на GLOBSEC, а форумот собра политички претставници, носители на одлуки и претставници на деловниот сектор од регионот и Европа.