Почна доградбата на ООУ „Страшо Пинџур“
Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на поставување камен-темелник за доградба на основното училиште „Страшо Пинџур“ во населбата Даме Груев, во Општина Ѓорче Петров.
На настанот тој изрази благодарност до Министерството за образование и наука за поддршката на капитални инвестиции во образованието.
„Би сакал, исто така, и јас да ја изразам својата благодарност, најпрвин на Министерството за образование и наука што во делот од капиталните инвестиции, вклучува ваков тип на инвестиции, односно во образованието, нешто коешто е многу важно за децата, односно за нашата иднина“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека вложувањата во образованието значат вложување во иднината на државата.
„Суштината на тоа кога вложувате во образованието, вложувате во иднината на државата“, рече премиерот.
Поддршка за локалните проекти
Мицкоски се заблагодари и на локалната самоуправа во Ѓорче Петров, како и на советниците и пратениците, за поддршката на проекти што, како што рече, го подобруваат квалитетот на животот.
„Сакам да изразам огромна благодарност до градоначалникот на Општина Ѓорче Петров што секогаш е подготвен со проекти, коишто се во суштина додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните“, додаде тој.
Премиерот најави дека ќе продолжи поддршката за ваков тип инвестиции и во наредниот период, нагласувајќи дека има уште неколку слични проекти во подготовка.
