Ќе се гради модерен ин витро центар
Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) ќе добие современ и модерен ин витро центар, најави денеска директорката д-р Ирена Алексиоска-Папестиев. Таа посочи дека средствата се обезбедени од Владата и Министерството за здравство, а целта е осовременување на опремата која не е обновувана цели 15 години.
„Во 2000 година кај нас беше направено првото ин витро и родено првото ин витро бебе. За жал, последниве четири години немаше ин витро третмани на Клиниката, но од ноември 2024 година повторно почнавме со работа. Оваа инвестиција ќе ни овозможи повторно да ги следиме светските трендови, што е исклучително важно за држава како нашата, каде што наталитетот е во континуиран пад“, изјави Алексиоска-Папестиев.
Почнува реконструкцијата на ГАК – инвестиција од 29 милиони денари
Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со директорката на Клиниката, најави и целосна реконструкција на делови од ГАК, вредна 29 милиони денари (околу 470 илјади евра). Проектот предвидува реновирање на платото пред Клиниката, чекалните, амбулантите, лабораториите и специјалистичките кабинети, и треба да заврши до крајот на годината.
„Со оваа инвестиција се создаваат современи услови за поквалитетна, побрза и поефикасна здравствена заштита за сите пациентки. Продолжуваме активно да вложуваме во јавното здравство, докажувајќи дека грижата за здравјето на граѓаните е вистински приоритет“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој им се заблагодари на здравствените работници за нивната посветеност, професионалност и хуманост, нагласувајќи дека токму тие се темелот на здравствениот систем во Македонија.