Меѓународниот ден на мигрантите се одбележува на 18 декември со одлука на Генералното собрание на ОН во 2000 година и е последица на големиот и се поголем број мигранти во светот.
Претседателот на Ад хок комисијата за миграција и потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Кристијан Вигенин, денеска повика на подобрување на меѓународната соработка во областа на миграцијата, како и на балансирање на сувереното право на државите да ги заштитат своите националните граници и почитувањето на човечкиот живот.
-Во многу области во регионот на ОБСЕ, децата, жените и мажите се движат напред-назад преку границите, со целосно непочитување на нивните основни човекови права, рече Вигенин во изјавата пред утрешниот Меѓународен ден на мигрантите.
Овогодинешниот Меѓународен ден на мигрантите ја одбележува 70-годишнината од Конференцијата во Брисел, која доведе до основање на организацијата, која од 1989 година е преименувана во Меѓународна организација за миграција.
Основана во 1951 година, Меѓународната организација за миграција (ИОМ) е водечка меѓувладина организација во областа на миграцијата.
ИОМ моментално има 162 земји-членки и 9 со статус на набљудувачи, како и канцеларии во над 100 земји.