Неколку американски воени авиони се оштетени за време на ноќниот ирански напад врз американската воздухопловна база во Јордан, јави Си-Би-Ес, цитирајќи ја својата репортерка Џенифер Џејкобс.

Според тие информации, американскиот напаѓачки авион А-10 Тандерболт, познат по прекарот „Вартог“ бил погоден и изгубил едно крило. Во исто време, околу осум борбени авиони Ф-15 претрпеа мала штета, но наводно биле вратени во употреба.

Нападот беше извршен врз воздухопловната база Мувафак Салти во Јордан, која е еден од клучните американски центри за воздушни операции против Иран. Соединетите Американски Држави имаат десетици воени авиони на таа локација.
Џејкобс изјави дека американските сили во Јордан истрелале повеќе од 30 ракети „Патриот“ за време на нападот, со цел да се одбранат од иранските напади.

Нападот се случи откако американските сили потопија пет ирански танкери претходно оваа недела – потег што Вашингтон го опиша како одговор на иранскиот напад врз американски воен брод.

Иранската Револуционерна гарда подоцна објави дека извршила напади врз повеќе американски цели и сојузници во регионот. Во соопштението пренесено од иранската државна новинска агенција ИРНА се известува за „силен ракетен напад“ врз американската база „Ал-Азрак“ во Јордан.

Истовремено, Иран објави дека нападнал повеќе од десет пловни објекти што се обидувале да поминат низ Ормускиот Теснец и најави проширување на зоната во која е забранета пловидбата околу овој стратешки важен поморски премин, кој со месеци е под блокада.

По нападот, јорданската војска соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана пресретнала и неутрализирала поголем дел од ракетите. Според официјалното соопштение, биле детектирани 20 балистички ракети; 18 биле соборени, додека две паднале во ненаселена област.

Иран ја нуди можноста за завршување на војната

Иранската Револуционерна гарда изјави дека војната би можела да заврши доколку Вашингтон исполни низа услови, вклучително и барања поврзани со конфликтите во Либан и Јемен.

Меѓу другото, Иран бара САД да се воздржат од упатување нови закани, да се повлечат израелските сили од Либан, да се прекине блокадата на Јемен, да се одмрзнат ирански средства во вредност од 24 милијарди долари и да се престане со мешањето во иранските нуклеарни и ракетни програми.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека војната би можела да заврши набрзо по изборите за Конгресот во ноември.

„Иран повеќе не може да издржи“, им рече Трамп на новинарите, притоа обвинувајќи го Техеран дека се обидува да влијае врз изборните резултати.

Сепак, повикувајќи се на американски официјални лица, „Волстрит џурнал“ објави дека најблиските советници на Трамп приватно предупредуваат оти конфликтот би можел да се одолговлекува во текот на преостанатите две години од неговиот мандат.