Германското Министерство за одбрана разгледува можност да ѝ го ограничи пристапот до исклучително чувствителен воен план на идната влада на Саксонија-Анхалт, доколку десничарската Алтернатива за Германија (АфД) ја преземе власта во оваа источна сојузна покраина. Германските власти веќе неколку месеци подготвуваат механизми за заштита на доверливите информации во случај АфД да формира покраинска влада, објави „Блумберг“.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус сака да спречи потенцијална покраинска влада предводена од АфД да може да го проследи документот до официјална Москва.
Документот познат како „ОПЛАН“ има околу 1.000 страници и го утврдува одговорот на германските власти и на НАТО во случај на војна или криза. Планот ги опфаќа и прераспределбата и преместувањето на сојузничките сили кон Источна Европа, а неговата целосна верзија во моментов им е достапна на раководствата на сите 16 германски сојузни покраини.
АфД победи на покраинските избори во неделата со околу 44 отсто од гласовите и освои 39 од вкупно 83 пратенички места. Партијата, сепак, не обезбеди апсолутно мнозинство, поради што формирањето на идната покраинска влада останува неизвесно.
Германските власти веќе неколку месеци ги разгледуваат можните начини за заштита на доверливите информации доколку АфД дојде на власт во некоја од сојузните покраини.
Покраинскиот огранок на АфД во Саксонија-Анхалт во 2023 година беше официјално класифициран како докажано десничарска екстремистичка организација од покраинската служба за домашна безбедност. Партијата ја оспорува ваквата класификација пред суд.
АфД истовремено се залага за обновување на економските односи со Русија и отворено се противи на испраќањето воена помош за Украина.
