ТЕХЕРАН – Иран го откри она што властите во Техеран го опишаа како прва хиперсонична балистичка ракета од домашно производство, објавија денеска иранските државни медиуми.

Објавени се слики од ракета со име „Фатах“, која беше прикажана на церемонија на која присуствуваа претседателот Ебрахим Рахиси и врховните команданти на иранската револуционерна гарда.

Ова ќе ја зголеми загриженоста на Западот за ракетните способности на Техеран, оценува Ројтерс, додавајќи дека хиперсоничните проектили можат да летаат најмалку пет пати побрзо од брзината на звукот и на сложени траектории, што го отежнува нивното пресретнување.

Минатата година Иран објави дека произвел хиперсонична балистичка ракета која може да маневрира во и надвор од атмосферата, пренесува Танјуг.

Според иранските медиуми, Фатах поради своите големи тактички способности може да ги таргетира „напредните противракетни системи на непријателот и претставува голем генерациски скок во ракетната индустрија“.

Фатах има домет од 1.400 километри и погодува цел со брзина од 13 до 15 мах.

Загриженоста за иранските балистички ракети придонесе за одлуката на тогашниот американски претседател да се откаже од нуклеарниот договор на Техеран од 2015 година со шесте големи сили во 2018 година, а преговорите за негово обновување се во застој од септември минатата година, наведува Ројтерс.