Управен суд пресуди, градоначалничката Арсовска тера по свое. Наместо да го поништи решението за именување на дипломираниот детектив Никола Алексов за директор на МКЦ, како што налага судот, и да распише конкурс како што налага законот, таа според неофицијални информации му го продолжи мандатот за нови шест месеци.

Вработение кои ја покренаа тужбата велат дека ги информирале сите надлежни институции како и Советот на Град Скопје.

Во тужбата, тие го оспориле назначувањето, бидејќи Алексов не бил од редот на вработените во МКЦ а за тоа како доказ доставиле дека нема склучено договор за вработување на Алексов, односно бил преземен неколку дена пред назначувањето од Агенција за привремени вработувања од каде му се исплаќа платата.

Управниот суд ја донел одлуката на 28 април и пресуди дека назначувањето на Никола Алексов за директор на МКЦ, односно решението за назначување од 17 јануари е незаконско поради суштествени недостатоци.

„Тужениот орган е должен да ги има предвид забелешките на судот дадени во оваа пресуда, да ги отстрани повредите на правилата на постапката, да ги има предвид сите одредби од Сатутот на МКЦ со кои е регулирана материјата во однос на вршител на должност директор и неговите права и обврски“, велат од Управен суд.

Градоначалничката Арсовска беше должна да распише конкурс за директор на МКЦ откако тогашниот в.д. Ванчо Богоев поднесе оставка, поради, како што тој тврдеше, притисоци да го потпише вработувањето на музичарот Арбен Шакири, бидејќи законот предвидува в.д. диреткор да се назначи двапати последователно и потоа да се избира преку јавен конкурс.

Телма се обиде да стапи во контакт со директорот Алексов, а од Град Скопје не одговорија зошто не е постапено по насоките на Управниот суд и кога ќе се распише конкурс.