Повеќе ирански функционери денеска остро реагираа и го исмеваа американскиот претседател Доналд Трамп по неговото предупредување дека Иран може да биде бомбардиран и „вратен назад во камено доба“.
Поранешниот министер за надворешни работи на Иран, Мохамад Џавад Зариф, ги нарече западните лидери „арогантни незнајковци“, потенцирајќи дека иранската цивилизација има илјадници години историја.
Во објава на платформата X, Зариф напиша дека Иран бил „во срцето на цивилизацијата“ во време кога, како што наведе, предците на Европејците сè уште биле во камено доба.
Слична реакција стигна и од иранската амбасада во Јужна Африка, од каде посочија дека Иран развивал цивилизација и концепти на човекови права уште додека други народи живееле во пештери, повикувајќи се на историскиот „Киров цилиндар“.
Иранската мисија при Обединетите нации истакна дека иранската цивилизација трае повеќе од 7.000 години, за разлика од американската историја, која, според нив, опфаќа околу 250 години.
Трамп претходно изјави дека ќе го бомбардира Иран доколку продолжат нападите во регионот, предупредувајќи дека „ќе следи уште многу“.
Дел од аналитичарите и организации за човекови права оценија дека ваквата реторика е „расистичка“ и „дехуманизирачка“, што дополнително ги зголемува тензиите меѓу двете земји.
