– Тоа беше само прва средба и никој не можеше сериозно да очекува конкретен резултат, рече Саид Хатибзаде на денешната прес-конференција во Техеран, додавајќи дека Иран сака да постигне договор и дека ќе остане „одлучен, но флексибилен” кога преговорите ќе продолжат кон крајот на оваа недела.
Разговорите во Виена се дизајнирани да го оживеат договорот од 2015 година со кој Иран се согласи да не се занимава со нуклеарно оружје во замена за прекин на меѓународните санкции, потсетува германската агенција ДПА. Сепак, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот и ги продолжи санкциите, по што Иран ја рестартираше својата нуклеарна програма и престана да се придржува кон некои аспекти од меѓународните инспекциски програми.
Минатонеделното враќање на преговорите не мина добро, бидејќи Иран одби директни разговори со САД и двете страни се критикуваа една со друга. САД го обвинија Иран дека не е сериозно заинтересиран за нов договор. Другите партнери во разговорите, исто така, изразија разочарување.
– Изнесовме два предлози и сега чекаме одговори, рече Хатибзаде.
Тој рече дека и двата предлози се во согласност со договорот од 2015 година и се однесуваат на укинување на американските санкции и враќање на Иран на техничките барања од договорот.
– Тоа се двете клучни точки без кои не е возможно продолжувањето на разговорите, рече тој. Наместо да го критикуваат Иран, САД и нивните европски партнери треба едноставно да се вратат на првичниот договор и да го спроведат, додаде Хатибзаде.