Иран изразил подготвеност да го отстрани својот високо збогатен ураниум на барање на САД, под услов материјалот да биде складиран во Кина, тврдат извори за арапските медиуми.

Според информациите, Техеран бара гаранции од Пекинг пред евентуално да постигне договор со Вашингтон, а ирански извори потврдиле дека постои согласност ураниумот да биде предаден.

„Њујорк тајмс“ претходно објави дека судбината на иранскиот збогатен ураниум ќе биде тема на разговорите меѓу Иран и САД во наредните 30 до 60 дена.

Американски функционери за весникот изјавиле дека договорот подразбира Техеран целосно да се откаже од постојните залихи, но дека сè уште се разговара за начинот на нивно отстранување.

Американскиот претседател Доналд Трамп, според медиумските извештаи, бара САД да имаат контрола врз нуклеарните материјали, а наводно се разгледувала и можност за испраќање американски специјални сили во Иран.

Русија претходно понуди иранскиот ураниум да биде пренесен на нејзина територија за складирање или повторна обработка, а претседателот Владимир Путин за ова разговарал и со кинескиот лидер Ши Џинпинг.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија, Иран располага со околу 440 килограми ураниум збогатен до 60 проценти, количина што потенцијално би можела да биде искористена за производство на повеќе нуклеарни бомби.

Во меѓувреме, на сила е прекин на огнот меѓу Иран, САД и Израел, а американските медиуми објавија дека страните се блиску до договор за продолжување на примирјето и отворање на Ормускиот теснец.