Ирска, Литванија и Шведска забележале најсилен квартален економски раст меѓу земјите членки на Европската Унија што досега ги објавиле податоците за вториот квартал од 2026 година, додека економиите на Белгија и Австрија останале без раст.

Ирскиот бруто-домашен производ се зголемил за 3,9 проценти во однос на претходниот квартал, Литванија забележала раст од 1,7 проценти, а Шведска од 1,4 проценти. Позитивни резултати оствариле и Португалија со раст од 0,8 проценти и Шпанија со 0,7 проценти.

Според прелиминарните податоци на „Евростат“, економијата на еврозоната во вториот квартал пораснала за 0,4 проценти, по стагнацијата во првите три месеци од годината. Резултатот е подобар од прогнозите на економистите, кои очекувале раст од 0,2 проценти.

На ниво на целата Европска Унија, кварталниот раст достигнал 0,5 проценти, откако во претходниот квартал изнесувал 0,1 процент. На годишно ниво, БДП пораснал за еден процент во еврозоната и за 1,2 проценти во ЕУ.

Германија, Франција и Италија исто така забележале економски раст, но со побавно темпо. Германската економија пораснала за 0,2 проценти, што е помалку од растот од 0,4 проценти во првиот квартал, но сепак над очекувањата на пазарот.

Главниот економист за еврозоната во „Пантеон макроекономикс“, Клаус Вистесен, оценил дека нето-извозот бил главниот двигател на растот, додека домашната потрошувачка забавила, а инвестициите се намалиле.

И покрај подобрите резултати од очекуваното, аналитичарите предупредуваат дека закрепнувањето останува нерамномерно. Повторното забрзување на инфлацијата во Германија и Шпанија дополнително би можело да ја отвори дебатата за можно зголемување на каматните стапки од Европската централна банка.