Исплатата на средствата од мерката МојДДВ за скенирани сметки во третиот квартал од 2025 година продолжува. Од Управата за јавни приходи (УЈП) уверуваат во ова и нагласуваат дека мерката не е прекината, ниту откажана.
Во процесот на исплата, кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара целосна преработка. „Имено, доколку постои дури и само еден налог каде се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници кои се во ист налог како и корисникот кој извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување“, објаснуваат од УЈП.
УЈП додаваат дека целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок. „Исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за останатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка, уверуваат од УЈП.“
Од Управата апелираат до граѓаните: доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, веднаш да направат ажурирање на податоците во системот.
„Со тоа ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници. Граѓаните можат да бидат спокојни – средствата кои им следуваат од МојДДВ ќе бидат исплатени“, нагласуваат од УЈП.
