Исплатени се над 55 илјади штети што е за 20 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето информираат дека вкупниот износ на исплатени штети во овој период е за 6,9 милиони евра или за 17 отсто повисок во однос на истиот период лани.

Од штети на осигурен имот, која е најголемата доброволна осигурителна класа, осигурениците наплатиле вкупно 7,6 милиони евра што е 22,6 отсто повеќе од истиот период минатата година. Притоа, физичките лица од штети на осигурен имот наплатиле 3,23 милиони евра што е за 11 отсто повеќе од лани, а на правните лица, пред се на компаниите, за штети на имотот им биле исплатени 4,4 милиони евра или 33 отсто повеќе од истиот период во 2020 година.

Кај приватното здравствено осигурување, кое е најбрзорастечката класа, исплатени се 90 отсто повеќе средства во споредба со првите девет месеци лани. Осигурениците од нивните полиси за приватно здравствено осигурување наплатиле 2,33 милиони евра.

Кај осигурувањето од незгода, која е најбројна осигурителна класа со над половина милион склучени договори, до крајот на септември исплатени се 5,4 милиони евра или 18 проценти повеќе од лани. Во делот на каско осигурувањето, исплатени се штети на исто ниво како и минатата година.

– Кај законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност компаниите на осигуреници исплатиле 1,26 милијарди денари (20,54 мил.евра) заклучно со крајот на септември годинава. Тоа е за 19 отсто повеќе односно 203 милиони денари (3,3 мил.евра) повеќе од истиот период лани. По основ на штети покриени со зелен картон осигурителните компании за првите девет месеци исплатиле 215 милиони денари (3,5 мил.евра) што е за 2 отсто помалку од истиот период лани, информираат од АСО.