Квотата за издавање германски работни дозволи по посебната Западнобалканска регулатива за 2025 година веќе е целосно исполнета. Поради ова, до крајот на годината нема да се одобруваат нови барања. Германија нема веќе да прима работници до крајот на 2025 година. Германската агенција за вработување ги извести работодавците дека до почетокот на декември се распределени сите 50.000 дозволи. Следствено, секое ново поднесено барање во овој период ќе биде одбиено.
Според процедурата утврдена во јуни 2024 година, процесот започнува со претходно одобрение од германската агенција за вработување. Потоа работниците од Западен Балкан со кои е склучен договор ги добиваат потребните документи во конзуларните претставништва по забрзана постапка. Истата година квотата беше зголемена на 50.000 дозволи, пренесува Бета.
Одбиените барања нема да се пренесуваат во следната календарска година, туку работодавците ќе мора повторно да аплицираат. Германија нема повторно да прима работници до 2026 година. Нови барања за 2026 година можат да се поднесуваат уште во декември. Регулативата важи за работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија.
Во коалицискиот договор меѓу ЦДУ, ЦСУ и СПД предвидено е квотата од 50.000 дозволи да се преполови. Ова предизвика критики од страна на здруженијата на работодавци. Особено силно се спротивстави Германското здружение на хотелиери и угостители (DEHOGA). Тоа посочи дека секторот и понатаму има потреба од мотивирана работна сила. Тие сметаат дека ваквата регулатива треба да се прошири, не да се намали.
DEHOGA притоа нагласи дека стравувањата дека странските работници би го оптовариле германскиот социјален систем се неоправдани. Според нив, тие пристигнуваат со валиден договор што им обезбедува стабилна егзистенција.
